
Катастрофален земјотрес го погоди Скопје 1963 година на 26 јули 1963 година во 5 часот и 17 минути.

Земјотресот е еден од најкатастрофалните природни непогоди во Скопје и Македонија, со измерени 9 степени по Меркалиевата скала (6,1 според Рихтеровата сеизмичка скала). Траел 20 секунди, со помали потреси до 5 часот и 43 минути.
Според службите за идентификација на жртвите на истиот ден, под урнатините животот го загубиле 1,070 граѓани, од коишто 478 мажи, 430 жени и 162 деца. Овие податоци не се земени како дефинитивни поради веројатноста дел од жртвите да биле веќе сохранети од своите роднини пред да ги евидентира Службата.
Точната евиденција за повредените била вкупно 2,900 луѓе, од кои што 1,110 биле тешко повредени (преку 300 од нив се уште биле згрижени и до месец и половина во болниците и клиниките), а околу 800 луѓе останале инвалиди. Од потресот биле урнати 15,800 станови, а оштетени 28,000.

Првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики, а неколку дена по земјотресот започнала да пристигнува помош и спасувачки екипи од целиот свет. Точно 87 нации од светот испратиле некаква помош во Скопје кои помогнале градот да се изгради повторно, поради што го носи и епитетот „град на солидарноста“.
За првпат во периодот на Студената војна меѓу капиталистичкиот запад и комунистичкиот исток, американски и советски воени сили заеднички им помагале на скопјаните.
Старите скопјани некои од овие места најверојатно ќе ги препознаат.














