Успешно реализиран проект „ИНТЕГРАЦИЈА НА ИМИГРАНТИ ВО ОПШТЕСТВОТО ПРЕКУ ИНОВАТИВНИ ПРИСТАПИ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО“ со гости од Полска, Романија, Турција и Италија.
Во рамките на интернационалниот проект „Интеграција на имигранти во општеството преку иновативни пристапи во образованието“ од програмата на Еразмус + во периодот од 13 до 19 Март оваа година во СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“ се одржа мобилноста Ц4 на темата „Превртена училница“.
Во проектот учествуваат и училишта од Полска, Романија, Италија и Турција кои овојпат беа наши гости. Темата на наведената мобилност вклучува дигитализација во образованието и иновативен пристап во наставата преку методот „Превртена училница“.

При реализацијата на мобилноста беа вклучени ученици од училиштето кои извршија вовед во самата тематика, како и симулација на методот. Наставниот кадар во училиштето изврши презентација на:
„Разликите помеѓу традиционалниот тип на наставата и Превртена училница“, „Како да се реализира методот Превртена училница“, „Соодветни апликации за користење на Превртена училница“, „Како се изработува наставен план за реализација на Превртена училница“, „Придобивки и недостатоци на Превртена училница“ и многу други.
Реализираните активности и работилници вклучуваа активно учество на сите учесници не само од Македонија, туку и на гостите, кои ќе бидат од големо значење во наставата која вклучува ученици од сите социо-културни групи, како и вклучувањето на мигранти во наставата.

За состојбата со миграцијата и мигрантите во Р. С. Македонија учесниците во проектот имаа можност да се запознаат преку „Црвен Крст на Р С Македонија“ кои несебично ги споделија своите искуства и очекуваните предизвици со новонастанатата состојба со миграцијата.
Покрај работилниците и придобивките од целокупната мобилност гостите од Полска, Романија, Турција и Италија беа импресионирани од природните убавини на Македонија и воодушевени од Кањонот Матка, Старата Скопска чаршија и нашиот бисер Охрид со сите негови раскошни убавини. Ова беше втора мобилност во рамките на проектот, а останатите 3 ќе се спроведат во Италија, Романија и Турција.