„Тешкото“, на симболичен начин, преку националното оро, карактеристично за нашиот народ, ни ги прикажува вековните страдања, измачувања и стремежи да се биде слободен. Бунтовноста е присутна во најтешките моменти на непокорениот македонски народ.
Поетот започнал со потресното чувство предизвикано од ударот на тапанот и писокот на зурлата- чувство на жал и болка поради нешто недоживеано, нешто изгубено во неколкуте векови. Орото го започнуваат старци, а до нив се фаќаат младите и се разгорува неговиот тек-се редат слики на природните убавини на татковината.
„И во него шуми на реките зборот …“
И не само тоа, во орото е вткаена душата на Македонците. Огорчени и затворени во решетки на темнината имаат една единствена искра на надеж(во борбата се гледа надеж). Искрата ќе прерасне во пламен во кој ќе изгори мрачната сила и ќе го извојува вековниот стремеж- слободата.
„И душата чиниш на родот мој мачен
во тешкото оро се уткала сета“
Понатаму поетот како низ магла се сеќава на генерациите кои минале низ синџирот на ропството, секој до секого,
„ сѐ еден до друг во бескрајно оро
син оди по татка, по деда си-внук“
Се редат генерации кои носат во себе една единствена мисла- да бидат слободни.
Тој- авторот, визионерски ѝ претскажал среќна и богата иднина на својата намачена земја. Верувал дека идните генерации во слободната татковина не ќе го заборават тешкото минато.
“Тешкото”
О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат,
штом тапан ќе грмне со подземен екот –
во градиве зошто жал лута ме стиска,
во очиве зошто навирува река
и зошто ми иде да плачам ко дете,
да превијам раце, да прекријам лик –
та гризам јас усни, стегам срце клето,
да не пушти вик.
О тешкото! Старци излегуват еве,
на чело им мисла, во очи им влага
и првиот чекор по меката трева
е мирен и бавен, со задржана тага.
Но ‘рзнува тапан и писок се крева
и молнија светнува во секој глед,
и напред се пушта, се стрелка, се слева
стегнатиот ред.
До старците момци се фаќаат скокум;
не издржа срце – сив сокол во клетка,
не издржа пламен жив потулен во око
не издржа младост што сака да летне!
Се залула оро! Се заврте земја,
и чиниш – се корне стресениот век,
и околу трпнат ридиштата темни
и враќаат ек.
И божем се врасло кипнатово оро
со исконска сила за земјава наша
и во него шуми на реките зборот,
и во него рика див ветер и страшен
и во него шепнат узреани житја
и вечерен мирис се разлева тих,
и земјата дише во пролетна ситост
со запален здив.
И душата, чиниш, на родот мој мачен
во тешково оро се уткала сета –
век по век што трупал сè попуст и мрачен
од крвава болка, од робија клета,
век по век што нижел од корава мисла
за радосна челад, за слободен свет,
од песна – за љубов што гине со пискот
ко жерав во лет.
О тешкото! Кога во молк да те гледам,
на очиве магла ми напаѓа сура,
и одеднаш – в бескрај се растега редот
и ридја се губат в пустелија штура –
и еве кај иде од маглата матна
сè сенка до сенка, сè еден до друг –
во бескрајно оро син оди по татка,
по деда си – внук.
Времињата мрачни се нивното поле,
и нивната свирка – на прангите ѕвекот,
а главите им се наведени доле,
и покроце врват – сè чекор по чекор.
О времиња, што ве в мрак родот мој минал,
кој збор ќе ми најде за вашата стрв?
Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат
над пустош и крв?!
Кој број ќе ми каже на лутите рани,
на пламнати ноќи, на пеплишта пусти,
кој на срце болки ќе изреди збрани,
и на очи солзи, и клетви на усти?
О тешкото! Синџир ти беше на робја,
од калеши моми и невести ред.
со врзани раце во плен што ги погнал
насилникот клет.
О тешкото! Синџир ти беше на робја,
дур не стана народ во листена гора,
сè дури со јадот од векови собран
не поведе бујно, бунтовничко оро!
се залула танец низ крвје и огон,
и повик се зачу и грмеж во чад –
те разнесе сегде бунтовната нога
по родниот кат.
О тешкото! Сега по нашите села
во слобода првпат штом оро ќе сретнам,
зар чудно е – солза да потече врела,
зар чудно е – жалба јас в срце да сетам?!
Од вековно ропство, мој народе, идеш
но носиш ти в срце дар златен и пој.
Пченицата твоја триж плодна ќе биде,
И животот твој!